Слободан Богоевски пуштен од кумановскиот затвор

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Попладнево околу 16 часот од затворот во Куманово е ослободен екс разузнавачот Слободан Богоевски, пренесе Телма повикувајќи се на извори од затворот.

slobodan_bogoevski_0_0-768x524

Богоевски е е ослободен откако ја отслужи затворската казна од една година и 7 месеци на која беше осуден во рамките на процесот за акцијата Агент.  Богоевски беше осуден за учество во финансиски малверзации поврзани со купување на имот кај базенот во Карпош. Тој цело време тврдеше дека е невин и дека власта го мести за да не ги сподели информациите кои ги знае за случајот Маѓар Телеком.

По неговото апсење минатото лето судот во Њујорк ги објави документите од неговото сведочење Во сведочењето пред американските истражни органи  Богоевски (како поранешен соработник на контроверзниот грчки бизнисмен Кондоминас) ги посочил луѓето од владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ кои во 2006-та барале и добиле мито од 5 милиони евра за да се спречи либерализација на телекомуникацискиот пазар во полза на Маѓар Телеком (доминантен сопственик на Телеком Македонија).

Во сведочењето покрај информациите за учество на највисоки владини функционери во земањето мито, Богоевски исто така посочил дека и претставници на актуелната власт (директор на тајната служба) барале пари од Грците за да не го истражуваат случајот.

По објавеното сведочење, обвинителството за организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка и го повика Богоевски да сведочи. Тоа обвинителство во меѓувреме испитало уште двајца сведоци и побарало меѓународна правна помош за случајот.

За случајот се заинтересира и специјалното обвинителство затоа што во материјали од бомбите се спомнува и овој случај, но основното обвинителство побара Советот на обвинители да оцени дали и за случајот Маѓар Телеком е надлежно СЈО.

Скопскиот адвокат Тортевски тврди дека ОЈО за организиран криминал и корупција не го дава предметот на обвинителството предводено од Катица Јанева затоа што според него се калкулира со времето и се чека предметот да застари за да не одговара никој.

Богоевски за Телма потврдил дека е ослободен и рекол дека досега никој од специјалното обвинителство ниту пак од друга институција не му барал изјава или сведочење за случајот Маѓар Телеком.

извор: Телма