Арне Слот е прогласен за менаџер на годината во Премиер лигата за изминатата сезона. Холанѓанецот, кој го предводеше Ливерпул до титулата, ја доби наградата што го носи името на Сер Алекс Фергусон.
Победникот беше објавен на посебна церемонија во Лондон. Слот не присуствуваше во знак на солидарност со жртвите од инцидентот во понеделникот кога автомобил удри во група навивачи на Ливерпул за време на парадата за шампионатот на „Црвените“ во градот.
Слот, кој е во својата дебитантска сезона во Англија, ја освои наградата во конкуренција на Томас Франк, Еду Хау, Нуно Еспирито Санто и Витор Переира.
Менаџер на Ливерпул последен пат ја освои наградата во 2022 година, кога „црвените“ на Јирген Клоп собраа 92 поени и завршија втори во конечниот пласман. Клоп триумфираше и во 2020 година, а рекордер во анкетата е Алекс Фергусон, кој стана менаџер на сезоната 11 пати.