Заклучоците за Западен Балкан ниту денеска не се усвоени откако Словачка, Австрија и Чешка се побуниле дека ЕУ премногу ѝ попушта на Бугарија, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на дипломатски извори
Заклучоците за Западен Балкан редовно се донесуваат на министерско ниво, но на последниот состанок на 8 декември тоа не беше можно поради бугарското вето.
По новата пречка, германското претседателство ќе треба да најде прифатлива формулација за да се овозможи евентуално усвојување на овие заклучоци.Како што потврдија дипломатски извори за РСЕ, ова прашање беше целосно отстрането од дневниот ред откако утрово некои земји-членки имаа забелешки на јазикот што се користи во поглавјето за добрососедски односи.
Некои земји-членки на Европската унија (ЕУ) сметаат дека вклучувањето на „историскиот контекст“ во официјалните документи на ЕУ претставува нов преседан, дознава РСЕ од сигурни дипломатски извори во Брисел.
Според истите извори, Словачка, со поддршка на Чешка и Австрија, смета дека на Бугарија и се дала премногу отстапки во текстот на финалниот документ. Усогласениот текст нагласува дека „треба да се избегнуваат изјави и активности што негативно влијаат на добрососедските односи и мирно решавање на споровите“.
Текстот ја потенцира неопходноста од имплементација на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста за нивно понатамошно спроведување.
„Овие два главни чекори треба ефективно да стават крај на сите обвинувања засновани на погрешно толкување на историјата“, гласи последниот текст на заклучоците, што беше доволно за Бугарија да го одобри усвојувањето на овој документ.
Бугарија го блокираше усвојувањето на годишни заклучоци за Западен Балкан, токму поради билатералниот спор што го има со Северна Македонија.