Словачкa министерка ја обвини ЛГБТ заедницата за падот на наталитетот во Европа

од Nikola Popovski
74 прегледи

Словачката министерка за култура Мартина Шимковичова ја обвини ЛГБТК+ заедницата за падот на стапката на наталитет во Европа во интервју за словачкиот таблоид „Топки.ск“.

„Ние хетеросексуалците ја создаваме иднината, затоа што правиме бебиња. Европа умира, а не се раѓаат бебиња поради премногу ЛГБТК+ [луѓе]. Чудното е што тоа се случува со белата раса“, рекла министерката, пренесува „Политико“.

Институтот за човекови права од Братислава одговори со поднесување кривична пријава до главното обвинителство против Шимковичова поради сомнение за расизам и антисемитизам, изјавил директорот на институтот Петер Вајзенбахер.

Хомофобичниот говор не е забранет во Словачка, за разлика од расистичките и антисемитските коментари.

„Поддршка за расизмот и антисемитизмот не треба да постои во Европа во 2024 година. Знаеме каде водеа ваквите тенденции во минатото. Ја повикуваме министерката Шимковичова веднаш да поднесе оставка“, рекол Вајзенбахер.

Словачка беше потресена од убиството на двајца геј мажи пред геј бар во Братислава во октомври 2022 година, но правата на сексуалните малцинства се под дополнителен притисок откако левичарската популистичка влада на премиерот Роберт Фицо ја презеде функцијата минатата година.

Фицо претходно го нарече „перверзија“ посвојувањето деца од истополови двојки и со потсмев го повика опозицискиот лидер Михал Шимечк „да одлучи… дали денес ќе биде момче, девојче или хеликоптер“.

Во меѓувреме, заменик-претседателот на парламентот Андреј Данко, кој го претставува екстремно десничарскиот коалициски партнер „Словачка национална партија“, во неделата рече дека Министерството за култура повеќе нема да финансира филмови со „теми што ги преминуваат моралните и етичките граници, вклучително и ЛГБТК+“.

Не е првпат словачката министерка да изразува такви чувства.

Во јануари, таа објави дека тамошмото Министерство за култура ќе престане да финансира ЛГБТК+ проекти со цел „да се врати во нормала“.

Пред да се приклучи на владата на Фицо, Шимковичова претходно работеше како водител на вести на „ТВ Маркиза“, која ја отпушти во 2015 година поради споделување антимигрантски содржини на социјалните мрежи.

Подоцна се вклучила во каналот за дезинформации „ТВ Слован“, каде што објавувала теории на заговор, пишува „Политико“.

Фото: Jakub Kotian/TASR

Слични содржини