Претседателот на Владата на Словачка Роберт Фицо ја исклучи веројатноста од секаква дополнителна помош за Грција, истакнувајќи дека Словачка ќе прифати “мирно” евентуално излегување на Грција од еврозоната, соопшти грчкиот сајт њуз.ин.
Никој во Европа не сака да даде пари на Грција, рече словачкиот премиер во интервју за “Фајненшл тајмс” и додаде дека на него ќе му биде невозможно да и објасни на јавноста дека најсиромашната Словачка треба да ја финансира Грција. Според Роберт Фицо евентуално излегување на Грција од еврозоната “би било помалку опасно сега отколку пред две, три или четири години”.
Словачка како членка на еврозоната од 2009 година се закани во јуни 2012 година, дека ќе побара Грција да ја напушти монетарната унија, ако Атина не ја спроведува програмата за рестрикции во замена за меѓународната помош која ја добива.
Ако Грците не ги почитуваат условите кои се поставуваат за заздравување на нивните финансии, Словачка ќе се приклучи на земјите кои ќе побараат Грција да ја напушти монетарната унија, рече тогаш Роберт Фицо.
