Словачка од понеделник ќе отвори театри, кина и цркви, а фитнес центрите исто така ќе имаат право да продолжат со работа, но бројот на посетители на овие установи ќе биде максимум 50 проценти, напиша словачкиот премиер Игор Матович на Фејсбук. Словачка успешно ги тестираше скоро сите свои граѓани.
Земјата со 5,5 милиони жители е меѓу првите кои започнаа да ги намалуваат ограничувачките мерки, во време кога нов бран на коронавирус ја тресе скоро цела Европа.
Словачката влада тврди дека го ставила под контрола ширењето на короната, по масовното тестирање на скоро сите граѓани, што тие го нарекоа „успешно“.
Матович рече дека „анализите со антиген помогнаа да се намали бројот на заразени за речиси половина“.
Според официјалните податоци на Министерството за здравство, Словачка досега бележи 83.796 пациенти со Ковид-19, а во четвртокот имале 2.024 нови пациенти.
Тој број е помал од дневниот просек во октомври, што беше околу 3.000.
Од коронавирусот почина 491 лице, а во споредба со скоро сите западноевропски земји, Словаците имаат 12 пати помалку смртност, особено во споредба со соседната Чешка, која има скоро највисока стапка на смртност и инфекција,
додава Ројтерс.