Европската Унија уште еднаш не можеше да го одобри својот 18. пакет санкции за Русија – и повторно поради Словачка. Оваа земја-членка инсистира да продолжи да се снабдува со руски гас до 2034 година или да добие 20 милијарди евра гаранции од Брисел за нејзината енергетска безбедност. Истовремено и Унгарија со слична акција – најави барање за санкции против украински функционери.
На средбата на министрите за надворешни работи што заврши вчеравечер во Брисел се очекуваше едногласна одлука, според еврокомесарката за надворешни работи Каја Калас. Сепак, словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар настојувал гласањето да се одложи.
„Претставникот на Словачката република беше инструиран да побара одложување на гласањето за 18. пакет санкции, земајќи ја предвид ситуацијата на словачката политичка сцена. Владината коалиција го отфрла имбецилниот предлог на Европската комисија за запирање на дотокот на руски газ од 2028 годијна“, порача во официјално соопштение словачкиот премиер Роберт Фицо вчера по седницата на Советот на ЕУ.
Во претходните обиди да се донесе 18. пакет санкции за Русија, на крајот на јуни, и Словачка и Унгарија – кои се најпријателски кон Русија настроени ЕУ-членки – се спротивставија на новите санкции. На 9 јули Словачка стави вето на 18. пакет санкции.
Вчера, пак, Унгарија побара санкции против Украина! Премиерот Виктор Орбан рече дека неговата влада на следната седница на Советот на ЕУ ќе го покрене прашањето за вклучување на украински функционери во списоците на санкции на ЕУ.
Како што Орбан напиша на Фејсбук, причина за таквото барање е наводното смртно претепување на етничкиот Унгарец Јожеш Шебешчен во Територијалниот центар за регрутација во Закарпатската област.
Унгарски медиуми тврдат дека 45-годишниот Шебешчен бил претепан до смрт на 6 јули. Тој „всушност имал унгарско државјанство и се откажал од украинското право на престој и затоа воопшто не требало да биде повикан на воена служба“, се пишува во Унгарија.
Но според украинските вооружени сили, на 18 јуни годинава Шебешчен дезертирал без оружје од својата воена единица. На 24 јуни побарал медицинска помош во болницата во Берехово, каде му била дијагностицирана „остра стрес-реакција“ и бил сместен во психијатриската клиника. Според обдукцискиот наод од украинските Судска медицина, на 6 јули починал од белодробна емболија.