Словачка нема да го поддржи најновиот пакет санкции на Европската Унија против Русија и ќе побара одложување на гласањето сè додека не се разгледаат нејзините загрижености околу снабдувањето со гас по 2027 година, изјави денес премиерот Роберт Фицо.
Новите санкции, предложени од Европската комисија на 10 јуни, се насочени кон енергетскиот сектор, банкарството и воената индустрија на Русија, како одговор на инвазијата врз Украина која трае веќе повеќе од три години.
Словачка, заедно со Унгарија, изрази несогласување со планот на Комисијата да се прекине увозот на руски енергенси до крајот на 2027 година — потег што би ги принудил двете земји да најдат нови, потенцијално поскапи и нестабилни извори на енергија. Европските дипломати очекуваат дека ова чувствително прашање ќе биде разгледано на самитот на ЕУ во Брисел.
„Санкциите можат да донесат проблеми“
Фицо повторно предупреди дека новите санкции може да предизвикаат сериозни последици за економијата – вклучително и проблеми со снабдувањето, раст на цените и загуби од околу 20 милијарди евра поради евентуално раскинување на долгорочниот договор со рускиот снабдувач „Газпром“.
„Словачка нема да гласа за 18-тиот пакет санкции утре,“ изјави премиерот пред парламентот во четврток, непосредно пред да замине на самитот. Тој посочи дека земјата би можела да ги поддржи заклучоците на самитот, но не и конкретниот санкциски пакет.
„Сметаме дека санкциите се нераскинливо поврзани со планот за прекин на увозот. Додека не се решат клучните прашања за нашата енергетска безбедност, не можеме да дадеме поддршка,“ нагласи Фицо.
Се сретнал и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но не е познато дали неговиот став претрпел промена по разговорот.
„Работиме на тоа“
Полскиот министер за европски прашања, Адам Шлапка, изрази надеж дека Словачка и Унгарија ќе можат да се придобијат, како што беше случајот и со претходните санкциски пакети.
„И претходно успевавме да постигнеме консензус. Оптимист сум, работиме на тоа,“ изјави Шлапка на самитот, додавајќи: „Се надевам дека ќе можеме да го затвориме ова прашање пред крајот на полското претседателство со Советот на ЕУ — а остануваат уште четири дена.“
Санкциите на ЕУ мора да бидат усвоени едногласно. Унгарија и досега редовно се закануваше дека ќе го повлече своето одобрување, како во случаите со помошта за Украина, така и при обновувањето на веќе постоечките санкции, што се разгледуваат на секои шест месеци.
Извор: Index.hr