Словенечката телевизија ја изрази својата загриженост до Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во врска со идното учество на Израел на настаните на ЕБУ, вклучувајќи го и Евровизискиот натпревар. Тие најавија дека ќе го преиспитаат своето понатамошно учество доколку не се преземат конкретни мерки. Со оваа загриженост, Словенците се придружија на Шпанија и Белгија, кои претходно побараа поголема транспарентност во гласањето на Евровизија.
Тие сметаат дека сегашниот начин на гласање повеќе не е аполитички и обединувачки, како што би требало да биде, туку има политички контекст што ја намалува довербата во процесот. Ксенија Хорват, директорка на Телевизија Словенија, во писмо до извршниот одбор на ЕБУ, посочи дека минатата година веќе алармирала за некои проблеми поврзани со учеството на Израел, но ситуацијата само се влошила.
„Одговорот што го добивме не нè увери и не понуди конкретни објаснувања, ниту пак ја покажува итноста и сериозноста на проблемите со кои се соочуваме“, рече Хорват.
Таа посочи дека влошената хуманитарна ситуација во Газа и на окупираните палестински територии ја зголемила загриженоста на јавноста во Словенија и низ Европа. Ова, според неа, го зголемило и сомнежот во кредибилитетот и транспарентноста на гласањето, особено во политичкиот контекст. Телевизијата бара да се обезбеди повеќе јасност и проверливи информации за начинот на гласањето, особено за онлајн гласањето и телегласањето, за да се врати довербата на гледачите.
„Како јавен медиум, имаме обврска да им даваме точни и јасни информации на нашите гледачи“, рече Хорват и додаде дека не разбираат зошто овие процедури се толку тајни. Таа најави дека во следните денови ќе постави конкретни прашања до ЕБУ и порача дека доколку не се преземат конкретни чекори за решавање на овие проблеми, Телевизија Словенија ќе размисли дали ќе учествува на идниот Евровизиски натпревар.
„Ќе бидеме принудени на тоа, ако ЕБУ продолжи да ги игнорира овие важни прашања, како од етичка, така и од јавна гледна точка“, предупреди Хорват. Таа повика на отворена и итна дискусија меѓу членовите на ЕБУ за поголема транспарентност на гласањето и за зачувување на основните вредности на организацијата.