Словенечката Влада на вонредната седница, која траеше до доцна синоќа предложи законски амандман, кој би овозможил ангажирање на војската за помош на полицијата про обезбедувањето на државната граница.
Словенечката граница се најде под притисок од приливот на илјадници бегалци од Хрватска, откако Унгарија ја затвори својата зелена граница со таа земја.
Се очекува словенечкиот Парламент овој амандман да го усвои подоцна во текот на денот.
Во соопштението објавено по завршувањето на маратонската седница, која почна синоќа во 21 часот, се наведува дека приливот на бегалци ги надминал сите можности на кои била подготвена Словенија, пишува словенечкиот весник „Вечер“.
Само во текот на вчерашниот ден, како што се наведува во соопштението, во Словенија влегле осум илјади мигранти, додека во Австрија преминале две илјади од нив.
– Притисокот на бегалците, кои доаѓаат од Хрватска се зајакнува, а Хрватска не го најавува нивното влегување во Словенија, туку без надзор и намерно неорганизирано ги испраќа на државната граница. Поради однесувањето на соседните држави само вчера во Словенија останаа околу шест илјади луѓе, меѓу нив најголем број жени и деца, се додава во соопштението на словенечката Влада.
Хрватските медиуми јавуваат дека словенечката Влада синоќа фрлила солзавец кон бегалците на граничниот премин Трновец.
Во Меѓумурје, кај граничниот премин Трновец, според телевизијата ХРТ синоќа пристигнала група од околу 1.800 луѓе, кои по 20 часа поминати на дожд почнале да влегуваат во Словенија.
Бегалците обидувајќи се да си обезбедат превоз се туркале со словенечката полиција, која употребила солзавец./МИА