Словенечкиот премиер: Сѐ уште не е време да се приклучиме на „Одборот за мир“

Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека сѐ уште не е дојдено време Словенија да се приклучи на т.н. „Одбор за мир“, иницијатива предводена од американскиот претседател Доналд Трамп.

од desk4
15 прегледи

Како главна причина за резервираноста, Голоб го наведе преширокиот мандат на одборот, кој, според него, може сериозно да го поткопа меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации.

„Меѓународниот поредок во кој Обединетите нации имаа централна улога ѝ служеше на Словенија, на цела Европа и пошироко, овозможувајќи децении мир“, истакна Голоб, додавајќи дека токму ризикот од разградување на тој поредок е најзагрижувачки.

Тој нагласи дека во поширок контекст, ваквиот одбор ги надминува и овластувањата што би произлегле од резолуција на Советот за безбедност, но и рамките што би ги прифатила Словенија како суверена држава.

Голоб посочи дека земјата би била подготвена за соработка доколку мандатот е појасно и потесно дефиниран, на пример во делот на повоената обнова на Газа и евентуално Западниот Брег. Воедно, најави дека нема да присуствува на потпишувањето на основачката повелба на одборот во Давос, закажано за утре, но дека вечерва во Брисел ќе се сретне со лидерите на земјите членки на ЕУ.

Осврнувајќи се на актуелните геополитички тензии, Голоб рече дека ќе инсистира на единство и решителност меѓу европските држави за заеднички одговор кој ќе ги стави во преден план правото на територијален интегритет, суверенитет и неповредливост на границите, вклучително и во однос на Гренланд.

Според него, со испраќањето на двајца офицери на Гренланд, Словенија испраќа јасна порака дека го брани основното начело на територијален интегритет и неповредливост на границите.

„За Словенија не може да има друг пат освен поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет“, нагласи Голоб, повторувајќи дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните.