Словенија: 26 наставници развиле сериозни нуспојави по вакцинирање со „АстраЗенека“

од Vladimir Zorba

Во основното училиште „Миха Пинтар Толедо“ во Велење, Словенија, кај голем број вакцинирани наставници се појавиле тешки несакани ефекти, а наставата беше откажана денес.

Поради болест на 26 наставници, откажан е целиот педагошки процес во училиштето, затоа што немаат доволно кадар да предаваат. Наставниците беа вакцинирани со вакцината „АстраЗенека“.

„Еден од наставниците рече дека неговата реакција веќе стивнала и дека може да дојде на работа денес, но другите се уште се чувствуваат лошо“, рече утрово директорот на училиштето Себастјан Куковец, цитиран од „Индекс“.

Тој додаде дека наставниците генерално пријавиле висока температура (39 степени Целзиусови), вртоглавица и главоболка.

Како што вели, ќе продолжи вакцинацијата.

„Мило ми е што повеќето вработени одлучија да се вакцинираат“, рече Куковец.

Наставници во друго училиште, исто така, имале нуспојави

Како што дознава словенечки „24ур“, вработените во основното училиште „Нотрањски одред Церкњица“, во вторникот биле вакцинирани со „АстраЗенека“. И таму, наводно, неколку наставници имале реакција по вакцинирањето, па затоа не дошле на работа во среда и четврток.

Синдикатот на вработените во образованието ги повика здравствените власти „јавно и недвосмислено“ да се изјаснат за безбедноста на вакцината откако Данска, Норвешка, Италија и Исланд ја прекинаа употребата на „АстраЗенека“ во четвртокот „од претпазливост“ под сомнение дека предизвикале згрутчување на крвта.

Словенија продолжува да ја користи „АстраЗенека“

Министерот за здравство Јанез Поклукар за ПОП-ТВ изјави дека ги разбира сомневањата на наставниците, но дека тие треба да имаат доверба во медицинската професија

„Нема причина да се запре кампањата за вакцинација“, рече Поклукар.

Тој додаде дека во Словенија не била користена серијата вакцини „АстраЗенека“ за која во Австрија имало сомнеж дека предизвикува несакани ефекти.

Слични содржини