Словенија доби хуманитарна помош од повеќе земји

од Nikola Popovski
387 прегледи

Некои европски земји испратија хуманитарна помош во Словенија, по поплавите што ја погодија таа земја.

Камиони со храна и други видови хуманитарна помош денеска ги напуштија Полска и Унгарија, јави СТА.

„Првите камиони со хуманитарна помош за Словенија на полскиот Црвен крст утрото тргнаа од Полска“, објави Амбасадата на Полска во Љубљана на платформата Х, до неодамна позната како Твитер.

Како што се додава, волонтери од Полска веќе помогнале на терен.

Словенечкиот Црвен крст изминатите денови доби од хрватскиот Црвен крст два камиони натоварени со вода за пиење, која беше дистрибуирана низ целата земја.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најави дека Хрватска ќе испрати хеликоптер во Словенија кој ќе им помогне во транспорт, како и други материјални ресурси и машини, пренесе Хина.

„За време на разговорот со словенечкиот премиер Роберт Голуб изразив подготвеност да и помогнеме на Словенија“, рече хрватскиот премиер.

Црвениот крст на Словенија соопшти дека разговара со други национални здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина во врска со испораката на потребната помош.

Австриската хуманитарна организација „Каритас“ понуди финансиска помош, а „Каритас“ Словенија следната недела очекува помош од другите членови на мрежата Каритас Европа.

Досега финансиска помош пружиле голем број Словенци од странство, а средства собира и словенечката дијаспора во Канада и Финска.

„Искрено сме среќни за солидарноста што доаѓа од странство. Поддршката на мрежата на Каритас и на Словенците ширум светот е непроценлива во овие тешки времиња“, изјавија од Каритас Словенија за СТА.

Слични содржини