Словенечките здравствени власти повторно предупредија на ризикот од патување на епидемиолошки „црвени“ дестинации во Европа, откако беа откриени нови инфекции кај група од над 600 млади луѓе и нивните придружници кои беа на патување во Грција.
Станува збор за матуранти кои во средината на месецот престојувале во грчките летни одморалишта, претежно на Крф.
Меѓу нив, 42 позитивни за коронавирус веќе се потврдени, а десетдневен карантин е утврден за повеќе од 600 луѓе, вклучувајќи ги и контактите што ги имаа во Словенија, рече Милан Крек, директор на Националниот институт за јавно здравје на Словенија (НИЈЗ).
„Очекуваме сите организатори на ваквите патувања да се вразумат и конечно да разберат дека земјите од црвената листа се опасни“, рече Крек, додавајќи дека се очекува со таквите патувања туристичките агенции да не ја загрозат епидемиолошката состојба во Словенија.
Во Словенија, во последните 24 часа беа потврдени 116 инфекции од извршени 754 ПЦР тестови, а еден пациент починал од Ковид-19.
Расте и бројот на хоспитализирани, кои сега се 75, од кои 18 се на интензивна нега.
Со таков развој на ситуацијата, Словенија наскоро ќе се најде на црвената епидемиолошка листа според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести, објавија во понеделникот словенечките медиуми.