На денешен ден  23 декември sfrj-fasada

1777.- Роден е рускиот цар Александар Први Павлович Романов. Тој е познат по спроведувањето на серија пролиберални реформи од самиот почеток кога седна на престолот во 1801 па речиси до неговата смрт во 1825 година. Во 1807 година склучи сојуз со францускиот цар Наполеон Први против кого претходно војуваше во сојуз со Австрија, Прусија и Англија. Од Шведска ја презеде Финска, која во 1809 година беше приклучена на Русија како големо кнежество под руската круна. Кон Русија ја припои Полска освен деловите кои им припаѓале на Прусија и Австрија, а по победата во војната со Османлиското царство и Бесарабија. Сојузништвото беше раскинато со Наполеоновиот поход на Русија во 1812 година, кога француската армија го претрпе пресудниот пораз, а Александар Први триумфално влезе во Париз. Во вториот период од владеењето ги напушти пролибералните тендецнии и стана вистински мистик.

1790.- Роден е францускииот ориенталист Жан Франсоа Шамполион, основач на египтологијата. Дешифрира 1.822 египетски хиероглифи од плочата пронајдена во 1799 година во египетското место Решид и утврди дека хиероглифите не се само симболичко туку и фонетско писмо.

1804.- Роден е францускиот писател Шарл Огистен Сент Бев, најистакнат претставник на француската книжевна критика. Почна со романтичарски песни и со романот „Наслада“, а потоа потполно се посвети исклучиво на книжевната критика и историја. Останати дела: песните „Животот, поезијата и мислите на Жозеф Делорм“, критиките „Книжевни портрети“, „Пор-Ројал“, „Разговори во понеделник“.

1810.- Роден е германскиот египтолог Карл Ричард Лепсијус, кој се смета за основач на модерната археологија. Неговите „Египетски хронологии“ претставуваат темел во научното изучување на раната египетска историја.

1832.- Франција го зазеде Антверпен, принудувајќи ја Холандија да ја признае независноста на Белгија.

1834.- Умре англискиот економист и демограф Томас Роберт Малтус.

1861.- Османлиското царство беше принудено да го прифати обединувањето на Влашка и Молдавија. Тогаш е формирана Романија.

1872.- Умре францускиот писател Теофил Готје. Дела: „Госпоѓицата де Мопен“, „Капетан Фракус“, „Историја на романтизмот“.

1902.- Во Велес, во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно беше поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот се самоуби Миле Поп Јорданов, македонски револуционер и учител. Македонскиот народ го овековечи со песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов, кој загина за народот и за Македонија“. Роден е во Велес, во 1878 година.

1906.- На врвот Петлец, кај селото Русиново, Беровско, во борба против османлиската војска загина Дамјан Јованов – Даме, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школуваше во родното место – селото Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година беше учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почна да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Беше учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 година беше уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година беше заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Беше претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој беше избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествуваше. По неуспехот на востанието ја продолжи својата револуцинерна дејност. Во 1904 година претседаваше на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време беше и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.

1918.- Роден е германскиот државник Хелмут Шмит, еден од лидерите на Социјалдемократската партија, кој по повлекувањето на Вили Брант, од 1974 до 1982 година беше канцелар на Западна Германија. Претходно во владата на Брант од 1969 до 1972 година беше министер за одбрана, а од 1974 министер за стопанство и за финансии.

1920.- Франција и Велика Британија ја одобрија конвенцијата со која се одредени границите на Сирија и Палестина.

1924.- Во Милано, од агентите на бугарскиот двор – врховистите, е убиен Петар Чаулев, македонски револуционер, еден од потписниците на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО потпишан на 6 мај 1924 година, во кој е прокламирана борбата за ослободување и обединување на сите делови на Македонија во независна политичка единица во рамките на една балканска федерација. Својата револуционерна дејност ја започна уште пред Илинденското востание и беше учесник во истото, како војвода во Крушевско и во Охридско. Манифестот е отпечатен во Скопје, 1948 година. Роден е во Охрид, во 1881 година.

1925.- Роден е францускиот политичар Пјер Ежен Береговј, шеф на француската влада од април 1992 до март 1993 година кога поднесе оставка по изборниот пораз на социјалистите на парламентарните избори. Неколку седмици подоцна се уби, поради силниот медиумски притисок за земениот поволен станбен кредит.

1933.- Роден е јапонскиот цар (микадо) Акихито, кој на престол стапи во 1990, по смртта на својот татко, царот Хирохито.

1944.- Во Скопје излезе првиот број на весникот “Бирлик” на турски јазик, како орган на НОФ на Македонија.

1947.- Во Њу Џерси, САД, еден тим научници во лабораториите „Бел“ го демонстрира првиот полупроводник засилувач, односно првиот транзистор.

1948.- Во Токио е извршена смртна казна врз седуммина јапонски официјални личности, вклучувајќи го и поранешниот претседател на влада Хедеки Тоџа кого Меѓународниот воен суд го осуди на смрт заради „злосторства против човештвото“ во Втората светска војна.

1953.- Стрелан е бившиот шеф на злогласната советска политичка полиција НКВД и потпретседател на советската влада Лаврентиј Павлович Берија, кој беше уапсен во средината на 1953 година. Запаметен е по патолошките склоности, вклучувајќи и грабнување девојки и млади жени.

1963.- На грчкиот патнички брод „Лаконија“, зафатен со пожар по експлозија во северниот Атлантик, загинаа 128 лица, а 908 беа спасени пред да потони бродот на 29 декември.

1964.- На Цејлон (сегашна Шри Ланка) во цикон загинаа најмалку 2.000 луѓе.

1872.- Умре рускиот конструктор на авиони Андреј Николајевич Тупољев, кој раководеше со изработка на повеќе од 100 типа на авиони, вклучувајќи ги и бомбардерите и џиновскиот  АNТ-20 „Максим Горки“. По Втората светска војна конструираше патнички авиони, меѓу кои и „TU-144“, првиот суперсоничен авион во светот.

1972.- Во земјотрес кој го погоди главниот град на Никарагва, Манагва загинаа 7.000 луѓе.

1983.- Во Париз умре Фања Фенелон Голдштајн, Французинка која го преживеа логорот Аушвиц, свирејќи во оркестарот на нацистичките офицери. Во 1980 година, според стравотните искуства на Фања Фенелон, беше снимена телевизиската серија во која главната улога ја толкуваше британската артистка Ванеса Редгрејв. Родена е во 1908 година.

1989.- САД ги зајакнаа окупаторските сили во Панама со уште 2.000 војници, со што во гушењето на неочекувано големиот отпор на приврзаниците на некогашниот штитеник на Вашингтон, панамскиот лидер генерал Мануел Антонио Норијего, учествуваа 26.000 војници. Подоцна се откри дека тие сториле бројни злодела врз панамските цивили.

1990.- Повеќето од Словенците на референдум се изјаснија за отцепување од Југославија.

1991.- Во Скопје е регистрирано здружението Млади европски федералисти на Македонија, со седиште во Скопје. За претседател е избран Нано Ружин.

1993.- Официјално е отворена Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија. За амбасадор, е наименуван Тони Милсон.

1994.- Република Македонија и Република Австрија воспотавија дипоматски односи.

1994.- Во Скопје е формирана Асоцијацијата на туристичките агенции на Македонија.

1995.- Во индискиот град Дабали, северно од Њу Делхи, во пожар во банкетната сала за време на школска свеченост загинаа најмалку 538 луѓе, повеќето деца од четири и пол до 14 години.

1997.- Умре јапонскиот актер Тошрио Мифуне, кој со светска слава се стекна во толкувањето на самурај, посебно во филмовите на режисерот Акира Куросава. Филмови: „Седум самураи“, „Легендата за Мусашија“, „Крвавиот престол“, „Скриената тврдина“, „Јоџимбо“, „Адмирал Јамамото“, „Пекол на Пацификот“, „Црвеното сонце“, „Битката за Мидвер“, „Шогун“.

1998.- Врхвониот суд на Белгија пресуди дека бившиот генерален секретар на НАТО Вили Клас е виновен за „пасивна корупција“ во скандалот „Аугуста-Дасо“, односно подмитување при договарања на воените испораки.

2002.- Италијанското кралско семејство Савоја, кое беше протерано поради поддршката на Мусолини во Втората светска војна, допатува во кратка посета на Италија, првпат по 56 години од протерувањето.

2004.- Умре поранешниот индиски премиер Нарасима Рао, автор на индиските економски реформи 1991-1996 година.

2005.- По 138 години во Словачка е укината воената обврска.

2007.- Во Торонто, Канада, умре Оскар Питерсон, канадски џез-пијанист и композитор, еден од најдобрите музичари во светот на џезот. Роден е во 1925 година.

2013.- На 95-годишна возраст почина Михаил Калашников, изумителот на легендарнaтa автоматска пушка „АК-47 Калашников. Легендарниот конструктор на оружје е роден на 10 ноември 1919 година во Алтај. Во 1947 година тој го конструира автоматското стрелачко оружје, што во перформансите остана ненадминато веќе над половина век. – Јас ќе бидам првиот кој ќе му стисне раката на оној кој ќе направи подобар автомат, рече тој пред повеќе од 30 години. Автоматот „Калашников“ е во употреба во над 100 држави во светот.

2013.- Умре музичарoт Ацо Богдановски (1960), познат како Ацо Конга. Првата група во која членувал Конга е „Макакус“ (1979) кога почнува да удира на конги. Беше дел од бендот „Нокаут“ формиран во 1997 година, на два албумa „Нокаут“ (1997) и „До последен здив“ (2001) каде се големите хитови „АБЦ“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“..

Избор МИА

Слични содржини