Случај „Империја“: Митровски призна вина, Пенделески не го разбира обвинението

од Nikola Popovski

Обвинетиот Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“, по што Основниот Кривичен суд Скопје одлучи дека по однос на овој обвинет, постапката ќе се раздвои. Овој процес се води против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.

Обвинетиот Цветен Панделески, од друга страна, пред судот рече дека не може да го разбере обвинението.

Панделески одговори дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.

Обвинетиот Јованчо Тасковски, преку неговиот адвокат, побара прекин на постапката од краток временски период, поради увид во штетата.

-Се двоуми и да признае вина, и да не признае, поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан, за кој се работи од 2014 година, односно, со тогашното СЈО 2018 година, при што на мојот клиент му пренесов дека има и трошоци на постапка, а кој не е способен финансиски истото тоа да го покрие. На господинот Тасковски му е неопходен краток временски период, тоа да го консултира и со своите членови на семејството. Затоа бараме од судот да ни овозможи дополнително да се произнесеме, рече адвокатот Мерџан Даути.

Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.

Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.

За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.

Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.

Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камчев кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.

Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Слични содржини