Денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк.
Се изведуваат видео материјали на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ на 7 април во периодот од 3:25 до 3:45 часот.
Диџејот Здравко Теодоров, кој кобната ноќ пуштал музика во ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје, кажа дека не видел нарушување на јавниот ред и мир внатре, каде претходно било друштвото со кое бил и Тот.
-Од дискотеката си отидов околу 2.30 часот критичниот ден. Не знам кога точно се затворила. Пред дискотеката вообичаено има обезбедување. Не можам да кажам дали и вечерта имало обезбедување, изјави Теодоров.
Обвинетите за убиството изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
Како обвинети се водат Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стои во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.