Случај „Крмзов“: Се гонат 15 правни и 23 физички лица, проневерени над 90 милиони евра

од Nikola Popovski
94 прегледи

Триесетдневен притвор во затворот во „Шутка“ за првоосомничениот Ристо Крмзов, струмичкиот бизнисмен кој се сомничи за финансиски криминал. Мерката е изречена поради опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на делото. Со истрагата опфатени се уште 15 правни и 23 физички лица меѓу кои и осум вработени во УЈП, четворица сметководители се сомничат за перење пари, злосторничко здружување и несовесно работење во периодот од 2019 до 2024-та година.

Буџетот го оштетиле за над 90 милиони евра и прибавиле лична корист од над 30 милиони евра – велат од ОЈО ГОКК. Како што информираа на денешниот брифинг со новинари во ОЈО ГОКК, иницијативата за истрагата потекнува од Управата за јавни приходи, а предметот опфаќа период од 2019 до 2024 година.

Од 4.000 до 20.000 евра метар квадратен чинел деловниот простор кој фирмите меѓусебно фиктивно го продавале-купувале-препродавале-купувале една на друга и секоја си добивала од државата поврат на ДДВ.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на брифингот нагласи дека Обвинителството внимателно ги цени основите за случајот.

-Да се остави на проценка на Обвинителството да се процени кои мерки се потребни за обезбедување. Основите за тоа ЈО внимателно ги цени. Сега истрагата почнува, што ќе излезе натаму, ќе видиме, се надеваме дека ЈО во рокот ќе поднесе обвинение, изјави Коцевски.

Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, информираше дека истрагата опфаќа период од 2019 до 2024 година и дека штетата се проценува на околу 90 милиони евра.

-Има вкупно 23 обвинети физички и 15 правни лица. Се сомничат за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење. За дел од обвинетите има побарано притвор, за дел други мерки на обезбедување, рече Абази.

Според информациите од Обвинителството, уште во 2023 година дека нешто не е во ред со огромните суми поврат на ДДВ на 15-тина струмички фирми алармирала поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.

Во септември лани беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.