Фондот за здравство тврди дека воопшто не бил известен дека Леонид Индов со хеликоптер ќе биде префрлен на лекување во Австрија. Во овој момент во Фондот се водат две одделни постапки.
Првата е отпочната уште во септември 2023 година и за неа има отворен предмет кој што сѐ уште е во тек заради некомплетно доставенa медицинска документација, за која е испратено официјално барање до подносителите, меѓутоа неопходната документација за одлучување сѐ уште не е доставена.
Од Фондот, ставот на Комисијата го поткрепија и со понудата којашто ја имаа од австриската болница, во којашто стои дека Леонид таму ќе има медицинска и физикална рехабилитација.
Сè уште има можност да се одобри лекување во странство, но само ако се достави документација која ќе го поткрепи тврдењето дека ќе оди на лекување кое што го нема во државата. Децидни се дека рехабилитација во странство не е на сметка на Фондот.
Оттаму велат дека според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.
Претставниците од Фондот не сакаа да го коментираат дали во Македонија има можност за рехабилитација на пациент којшто е на респираторна поддршка. Заменик-министерката за здравство, Маја Манолева останува на ставот дека има услови за третман на Леонид.
-Не може да се сетам кој период беше точно, сигурно има неколку месеци, имав средба со родителите на којашто им образложив како специјалист од областа, каков треба да биде, не како заменик министер туку како специјалист од областа, каков треба да биде патот на детето, изјави вчера Манолева.
Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи. На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската Општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов.
Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, па дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите. За него во неколку наврати се собираа донации за да може да се извршат потребните операции во Солун, но и за да го продолжи лекувањето.