Случај „Меѓународен сојуз“: Од „Дрим билдинг“ на почетокот не верувале дека се измамени

од Nikola Popovski

Менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска како сведок во кривичниот суд во Скопје на рочиштето за случајот „Меѓународен сојуз“ рече дека на обвинетиот Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра за да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

„На почетокот не верував дека сум измамен, најискрено, верував дека сум направил деловна соработка, не ни помислив на тоа и само терав напред. Но, како што одминуваше времето, и сега кога веќе работите се вакви какви што се, се чувствувам измамен“, рече бизнисменот Ардијан Амзоски од фирмата „Дрим билдинг“, во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје каде што се појави како сведок.

И Амзоски, како и Лога, кажа дека кога оделе на средбите во „Меѓународниот сојуз“, ги гледале обвинета експратеничка Фросина Ременски и Александар Кирацовски.

„Секогаш на средбите беше Бојан, Јасна Мандиќ беше скоро секогаш, а на одредени состаноци присуствуваше и Фросина Ременски. Еднаш-двапати беше и Александар Кирацовски, кој ми кажа дека овој проект ќе успее“, вели тој.

Судењето продолжува на 29 април, а случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица,
обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Слични содржини