Пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“ ќе биде изречена на 23 февруари, а одбраната на обвинетите во денес ги имаше завршните зборови и остана на тврдењето што го застапуваше во текот на целиот судски процес дека обвинетите не се вистинските сторители и оти станува збор за конструиран случај.
„Какви сознанија имале лицата што протестирале? Одговорот е едноставен – однапред смислено сценарио. Ваквите протести беа подгреани од непрофесионално известување од медиуми кои ја поддржаа оваа хајка. Потоа следуваше полициска акција и беа лишени од слобода не само овие обвинети туку и други 20-ина лица“, рече адвокатот на дел од обвинетите во случајот „Монструм“, Насер Рауфи.
Адвокатката Дафина Ивановска во завршните зборови за предметот „Монструм“, како застапник на едно од семејствата на жртвите, изјави дека „цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа „бомбите“, кои беа меѓу преовладувачките причини за укинување на пресудата, но по преслушувањето на „бомбите“ не се утврдија некои факти, освен што се одржаа многу рочишта и се одзеде многу време за да се донесе пресуда“.
Таа во дел од завршните зборови посвети и на исказот на Хаки Азири пред истражен судија во кој кажува дека вечерта по убиството со автомобил ги чекал двајца од обвинетите кои му рекле „направивме го*нарија, убивме човек“, а за кој исказ тој потоа зборуваше дека го дал под притисок. Ивановска, пак, смета дека тој исказ целосно бил поткрепен со доказите во постапката, а обвинетиот го негирал откако имал телефонски разговор со родителот.
На претходното судско рочиште свои завршни зборови имаше обвинителството кое побара доживотен затвор за Алил Демир, Агим и Африм Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири, во врска со петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012.