Обвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови за предметот „Талир 2“ побара обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни, а седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ да биде конфискувано.
Според него, обвинетите пристапиле кон преземање низа дејствија сето во насока да политичката партија противправно се стекне со имот – ново партиско седиште и со противправна имотна корист – финансиски средства, а спротивно на законските ограничувања.
Со објавата на јавниот оглас од страна на обвинетите Груевски и Божиновски, обвинителот Лапе, потенцираше дека е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување на сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.
-На 4.10.2012 година И.К. на ВМРО-ДПМНЕ носи решение за овластување, со кое го овластува обвинетиот Кирил Божиновски, Генерален секретар на партијата, да го потпише договорот за соинвеститорство со Д.Г. Бетон А.Д. Скопје, како најповолен понудувач на јавниот повик. Ваквото решение е потпишано од обвинетиот Никола Груевски, рече Лапе.
Од исказите на проектантите, обвинителот Лапе, рече дека првично проектирале објект на четири ката, а потоа следела промена и во висината и во ширината, како и во намената.
Во „Талир 2“ се обвинети Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Обвинети се дека злоупотребувајќи ја службената положба, овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Пред судот веќе се води постапка за предметот „Талир 1“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите во „Талир“ незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.
Судењето за овој предмет го води судијката Даниела Алексовска – Стојановска.