Случај „Таргет-Тврдина“: Мијалков прислушувал разговори од канцеларија со корисничкото име „директор“

од Nikola Popovski
246 прегледи

Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов во детали појаснија како се вршело нелегалното прислушување во УБК, како биле обезбедени доказите, потсетувајќи и на дел од сведочењата на сведоците, кои работеле во Управата.

„Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата е Сашо Мијалков“, појаснија обвинителите.

Ристоска потоа во детали кажа дека кај телефонските оператори, поврзани со УБК, ги нашле незаконски следените разговори преку „веринт” постариот систем за следење на комуникациите.

За поновиот, „најс трак” системот продолжи обвинителот Трајче Пеливанов.

Тој на многу детален начин кажа како се вршело маркирање, слушање и преглед на лог фајловите преку „најс трак” системот во УБК. По налог на Грујевски, кажа како биле формирани привилегии во 6-7 категории. Некои можеле само да маркираат, други само да прислушуваат, трети да репродуцираат, да читаат, а некои и сето тоа да може да го прават. Еднаш годишно Грујевски ги ресетирал податоците, за да нема траги, за да не може еден со друг тие што го правеле ова незаконско прислушување да знаат кој што правел.

Завршниот збор е во тек.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Слични содржини