Случај „Трезор“: Адвокатите на Мијалков негираат дека набавката за софтверот за прислушкување била нелегална

од Nikola Popovski
384 прегледи

Пресудата за случајот „Трезор“ кој го отвори СЈО, а сега е во надлежност на редовните обвинителства, ќе биде соопштена на 13 април во Основниот кривичен суд во Скопје.

Адвокатите на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков негираат дека набавката за софтверот за прислушкување била нелегална. Мијалков да биде ослободен од обвинение побарал адвокатот Миле Петровски, во завршните зборови за овој предмет.

Адвокатите негираа дека Мијалков и останатите обвинети предизвикале штета врз државниот буџет. Од вештачењата се утврдило дека парите кои ги добила компанијата „Финзи“, целата сума ја потрошила за купување и одржување на опремата, а нејзините финансиски извештаи не покажале екстра профит.

Покрај Мијалков, обвинети се и поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање. На Грујевски му се суди во отсуство со оглед дека е во бегство во Грција.

Во завршниот збор Обвинителството побара казни за обвинетите и конфискација на пари од нивните банкарски сметки за да се надомести штетата од 48 милиони денари.

Тројца од обвинетите во овој предмет, се гонат и во предметот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување во земјата и на уништување на опремата за прислушување во УБК со цел скривање на доказите. На 26 февруари, Основниот кривичен суд изрече пресуда во тој предмет, која сè уште не е правосилна, а со која Сашо Мијалков доби 12 години затвор, Горан Грујевски 15, а Тони Јакимовски 6.

Слични содржини