Клиника Жан Митрев на своите пациенти кои се лечеле во оваа клиника за време на ковид пандемијата им вратила 34.995.700 денари односно 569.000 евра, средства кои пациентите ги депонирале но не им била извршена хемофилтрација за време на лекувањето од Ковид-19.
Обвинителката која го води случајот против Клиника Жан Митрев и кардиохирургот д-р Жан Митрев, Искра Хаџи Василева на последното судско рочиште се обиде да го занемари овој износ, презентирајќи податок за занемарливи 34.000 денари коишто им биле вратени на пациентите, иако материјалните докази кои самата ги презентираше ја покажуваат фактичката состојба наспроти обвинението и неоснованоста на истото.
Обвинителството покрена обвинителен акт против доктор Жан Митрев и неговата клиника за сторено кривично дело измама со намера и умисла со цел прибавување противправна имотна корист за клиниката. И додека медиумите и пошироката јавност кои што од почеток го следат овој судски процес, чекаат да видат како ќе продолжи следното рочиште, кое е закажано за 31 јануари, остана неодговорено прашањето како Клиника Жан Митрев и кардиохирургот Митрев се гонат за измама на пациенти, кога истото правно лице им вратило на пациентите над половина милион евра, средства коишто самите пациенти ги депонирале, а сега тужат со побарување за оштета бидејќи се чувствуваат измамени.
Се поставува прашањето зошто Клиника Жан Митрев вратила над половина милион евра или поточно 570 илјади евра на сите овие пациенти, ако намерата била да ги измами и финансиски оштети со што бесправно би им ги земале парите?
Хемофилтрацијата како метод за прочистување на крвта кај тешко заболени пациенти со лоша клиничка слика, во Македонија се применува од 2008 година на државните и приватни клиники. Во Клиника Жан Митрев од вкупно 1.736 пациенти кои се лекувале од ковид-19, кај 625 пациенти е применета хемофилтрацијата, а 282 се чувствуваат измамени и оштетени.
Се поставува и прашањето дали докторот Митрев, користејќи ја неговата клиника, доколку имал намера да ги измами пациентите со цел противправно прибавување имотна корист, тоа би го направил кај сите 1.738 пациенти кои тогаш се лекувале и веќе депонирале парични средства за хемофилтрација.
Помеѓу овие „измамени“ пациенти се и лице кое починало по лекување во друга приватна болница, како и случајот со Никола Брезев кој веднаш по болничкиот прием самиот побарал да му биде направена хемофилтрација, но бил одбиен од докторскиот конзилиум. Покрај Никола Брезев во истата клиника се лечеле уште 4 члена од ова семејство. Кај дел од нив е применета методата на хемофилтрација и се успешно излекувани и се сега дома со своите семејства.
Еден од сведоците во претходните рочишта пак го менува дадениот исказ и се приклучува кон ова обвинение како измамен и оштетен, но откако обвинителката Искра Хаџи Василева јавно пред сите сведоци ја чита Наредбата за истрага со која директно и свесно им наметнува дека тие се измамени и оштетени од лекувањето во Клиника Жан Митрев.
Ситните и незначителни 34.000 денари коишто обвинителката Хаџи Василева се обиде да ги презентира пред јавноста, со измена на содржината во доказните материјали на кои одбраната веднаш реагираше, за Хаџи Василева беа грешка во читањето. Јавноста пак овие постапки на обвинителството ги смета за намерно преиначување и водење на судски процес во кој едно по едно сите обвиненија на обвинителството паѓаат во вода.
Ако навистина Жан Митрев и неговата клиника сториле кривично дело измама, зошто тогаш истите „измамници“ вратиле над половина милион евра на пациентите на Клиника Жан Митрев и сега дел од нив тужат за измама и оштетно побарување?
Судскиот процес против Жан Митрев и Клиника Жан Митрев пред една година започна со сослушување на главните сведоци во ова обвинение. Мелита Брезева како главен сведок поради чијашто изјава се отвори и предметот против доктор Митрев, на едно од првите рочишта сведочеше дека е измамена од Клиника Жан Митрев и доктор Митрев за хемофилтрацијата. На Брезева од клиниката и се вратени 26.000 евра неискористен депозит. Пред судот сведочеше и Александра Димовска која, исто така, потврди дека клиниката и вратила неискористени депонирани средства во износ од 3.600 евра.
Обвинителката Искра Хаџи Василева пак јавно читајќи ја наредбата за истражна постапка пред лицата кои подоцна станаа тужители, направи тешка повреда на одредбите од Законот за кривична постапка. На ова реагираа повеќе експерти меѓу кои и професорот по кривично право на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев. Хаџи Василева свесно ги наведувала можните сведоци да се чувствуваат измамени, а обвинителството се потпира на YouTube видео од гостување на д-р Митрев во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 иако докторот Жан Митрев вели дека хемофилтрацијата не може секому да помогне, напротив „Јас не велам дека секој пациент ќе го ставиме на филтер и тоа е волшебно стапче, меѓутоа кај огромен број тоа е единствената шанса да им се помогне“, кажа Жан Митрев во ТВ гостувањето.