На последното рочиште од судењето на кардиохирургот Жан Митрев при вршење распит на сведок, оштетената Имиѓил Шахини, запрашана од Судот изјави дека не го разбира македонскиот јазик и бара преведувач за да го даде исказот, па давањето исказ се одвиваше преку овластен судски преведувач од македонски на албански јазик.
Одбраната го посочи Записникот за сослушување на овој сведок составен на македонски јазик и потпишан од сведокот и од обвинителот без преведувач и тоа со износ на побарана отштета кој што е наведен во Обвинителниот акт, а на денешното рочиште преку преведувач оштетената побара сосема друг износ и со различно образложение.
На приговорот на одбраната, обвинителот даде зачудувачко образложение дека износите што ги навела во обвинителниот акт биле проста математичка операција, но законот не му дозволува на обвинителот да прави математички операции, туку обвинението да го заснова на исказ на оштетен даден на јазик кој што го познава.
Познавачите на правото наведуваат дека испитување на оштетен кој што не го познава јазикот без преведувач претставува груба повреда на законот и Уставот и обвинението не смеело да биде одобрено со таква повреда.
Јавноста веќе беше информирана за сличен момент на истото судење кога на записник составен од обвинителството бил сослушуван сопруг на оштетена и тој се потпишал на записникот под името на оштетената.
Јавноста, исто така, беше информирана и за случајот, потврден од сослушани сведоци, дека обвинителката ги сослушувала сведоците групно во иста просторија и ги диктирала изјавите на секој сведок пред останатите присутни сведоци, откако претходно на групата и објаснила за што се сослушуваат.
И за овие повреди експертите потврдуваат дека ги прават доказите прибавени на тој начин незаконити и контаминирани.
Проф. д-р Гордан Калајџиев во врска со ваквите постапки на обвинителството изјави: „Не е законито ниту професионално ЈО да им сугерира на сведоците дека се измамени односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот! Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците а не обратно! Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот а тврдат дека лично ги измамил”.