Продукциската компанија Bridge7, управувана од поранешниот продуцент на Netflix, Сват Шети и поранешниот агент за таленти, Грант Кесман, ги откупи правата за продолжението и телевизиската адаптација на Slumdog Millionaire, пишува Deadline.
Се работи за драма наградена со „Оскар“, во режија на Дени Бојл и сценарио на Сајмон Бофој. Филмот е заснован на бестселерот Q&A од Викас Сваруп.
Slumdog Millionaire освои осум Оскари, седум награди БАФТА и четири Златни глобуси.
Приказната го следи 18-годишниот Џамал (Дев Пател) кој успева да победи на квизот „Кој сака да биде милионер?“, и покрај тоа што неговиот живот е полн со неволји додека растел во сиромашна населба во Мумбаи.
Продолжението би требало да го прикаже „следното поглавје од животот на Џамал“, но не е познато дали ќе се вратат ѕвездите од филмот, Пател и Фреида Пинто.
„Некои приказни остануваат со нас долго по завршните наслови, а Slumdog Millionaire е еден таков филм. Неговата приказна е универзална, ги надминува културните и географските граници и го отелотворува видот на приказни што ги сакаме – оние што комбинираат забава со длабоки човечки искуства“, рекоа Шети и Кесман.
„Она што го прави Slumdog Millionaire извонреден не е само неговата филмска брилијантност – од раскажувањето и музиката до извонредните признанија – туку и како ги спои талентите од целиот свет за да создаде глобално успешен тим“, додаваат тие.