Жителите на Слупчане, но и на Оризари од општина Липково се уште немаат електрична енергија. Од ЕВН информираат дека нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села, се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција.
Како што велат, екипите на Електродистрибуција работеле цела ноќ на санација на дефекти при што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија на селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.
Дошло и до дефект на граничниот премин Табановце, но бил саниран за кратко време.
Вчера слупчанци повторно ги попречиле екипите на ЕВН во нивната работа, поставувајќи нови блокади во селото. Се соочиле со вербални и физички закани од мештаните, а на терен била присутна и полицијата.
Од компанијата потсетуваат дека пред неколку недели имаше сличен дефект кога жителите на ова село манипулираа со енергетски објект и оставија неколку села од липковско без електрична енергија.
Жителите на Слупчане имаат 13 барања кои компанијата ги достави до медиумите, во кои, тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои додаваат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи.
Според ЕВН, вкупните годишни загуби поради кражби во село Слупчане изнесуваат над милион евра. 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.