Службеникот на американскиот Стејт департмент Џош Пол, кој работел во агенцијата одговорна за трансфер на оружје на сојузниците на САД, поднесе оставка. Пол, кој работеше како еден од директорите на Бирото за политичко-воени прашања на Стејт департментот, како причина за неговата оставка го навел своето несогласување со, како што истакнал, одлуките на американската администрација за забрзување на испораката на оружје за Израел, пренесе Би-Би-Си.
„Не можам да поддржам голем број главни политички одлуки, вклучително и брзањето да се даде повеќе оружје на едната страна од конфликтот, за кои верувам дека се кратковидни, деструктивни, неправедни и спротивни на самите вредности кои ги застапуваме јавно“, напишал Пол на LinkedIn.
Тој изјави дека иако ја препознава „монструозноста“ на нападот на Хамас врз Израел, тој исто така верува дека одговорот на Израел „само ќе доведе до поголеми и подлабоки страдања“ за Израелците и Палестинците, пренесува „Танјуг“.