Смарт табли во сите училишта во Карпош

од Берта Китинска
225 прегледи

Со буџетски средства од блок дотациите обезбедени од Министерството за образование и наука , оваа учебна 2021/2022 година , учениците од четврто одделение во сите десет општински основни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош, ќе користат смарт табли во наставата.

-Бидејќи, согласно образовната политика на МОН, од оваа година учениците во прво и четврто одделение, освен преку печатениот материјал, наставната содржина дополнително ќе ја совладуваат и преку дигитална форма на образование, општината воведе иновативна опрема во образовниот процес.

Одделението за образование при Општина Карпош, одлучи да ги набави овие смарт-табли преку кои основците ќе имаат комплетна можност за реализирање на современа настава, користење на дигитални учебници, еду-платформи, мрежно поврзување со други училишта, вклучување во разновидни проекти, он лајн работилници и слично. Овој тип на смарт табли, ќе бидат еден вид на дополнителни алатки, преку кои учениците ќе ја развиваат својата иновативност, способноста за решавање на задачи, индивидуалниот, но и колективен пристап за учење, распознавање и респонзивност кон дадените лекции.

Локалната самоуправа во континуитет вложува во модернизација и осовременување на образовниот процес, преку воведување на напредни технолошки алатки, кои ќе го олеснат процесот на совладување на предвидениот наставен материјал на учениците, но и преку креативност и современи дигитални форми, со што наставното градиво ќе им биде поинтересно за следење и изучување, соопштија од општина Карпош.