Снопче: Големата поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја даде на ВЛЕН е „опасна за државата“

„Никогаш во историјата на Македонија, македонска партија не ѝ дала толку голема поддршка на албанска партија“, изјави Снопче

од Nikola Popovski
53 прегледи

Според пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, „заканувачките изјави“ на премиерот Христијан Мицкоски имаат за цел да ги заплашат албанските гласачи на коалицијата ВЛЕН.

„Тој сака да ги обвие во страв и конфузија, сугерирајќи дека гласањето за албанскиот кандидат може да ја загрози коалицијата на ВМРО и ВЛЕН. Ова функционира, бидејќи експонентите на ВЛЕН се однесуваат негативно“, вели пратеникот од редовите на едното од трите крила на АА.

Снопче изјавил и дека АА го поддржала албанскиот кандидат во Брвеница, иако тој бил од ВЛЕН, но истото не се случило во Кичево. Тој исто така предупредил дека големата поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ја даде на ВЛЕН е „опасна за државата“.

„Никогаш во историјата на Македонија, македонска партија не ѝ дала толку голема поддршка на албанска партија. Ова ќе има последици, бидејќи ВЛЕН во иднина ќе биде целосно под контрола на Мицкоски“, рекол Снопче во интервју за „Ора Њуз“.

Пратеникот смета дека Алијанса предводена од Арбен Таравари во која тој остана член, не се покајала за својата одлука да ја напушти Владата.

„Бевме принципиелни и педантни. Не се покајавме. ВЛЕН не докажа независност туку служеше како слуга на ВМРО-ДПМНЕ“, изјавил тој, додавајќи дека Мицкоски самиот ќе побара предвремени избори по Нова година.