Снопче: Сеќавањата од „бомбите“ не може да ги амнестира ВМРО-ДПМНЕ од одговорност за случајот со Мерко

од Nikola Popovski

Сеќавањата од „бомбите“ во кои се слуша како ДУИ, заедно со сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ги избираат обвинителите и судиите во Јавното обвинителство и во судовите во Македонија,  не може да ги амнестира од одговорност ВМРО-ДПМНЕ за случајот со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кои сега ја обвинуваат ДУИ дека е виновна, вели пратеникот од Алијанса за Албанците, Халил Снопче.

-Знаеме како се избрани и токму тие обвинители и судии се сè уште на функција и токму тие обвинители ги чуваат во фиоки случаите на актуелниот градоначалник г. Рамиз Мерко во врска со корупцијата. Господинот Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Рамиз Мерко дека Америка го ставила на црна листа, додека ние наводно не знаеме, па и бара одговорност, рече Снопче на прес-конференција.

Според него, изјавата на премиерот Димитар Ковачевски за Мерко е иронична, бидејќи тој бил изненаден што ние одвнатре не сме знаеле дека Мерко е корумпиран, а знаеле Американците.

Вчера Јавното обвинителство соопшти дека завршило вонредниот надзор врз сите заведени предмети против градоначалникот на Општина Струга, Размиз Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник.

САД на 20-ти јуни го ставија на црната листа градоначалникот на Струга како генерално неподобен за влез на нивна територија, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија, соопштија од Стејт департментот.

Мерко е трет политичар од Македонија ставен на американската црна листа поради значајна корупција. На 11 април лани, Стејт департмент ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција.

Слични содржини