Снопче соопшти во кои случаи ВЛЕН би излегла од Владата

од Nikola Popovski
286 прегледи

Пратеникот кој доаѓа од редовите на ВЛЕН, Халил Снопче синоќа изјави дека неговата коалиција ќе излезе од Владата доколку се укине Законот за употреба на јазиците и доколку биде изгласан Законот за бранители.

„Поради руското влијание, доколку влезат во такви авантури и ние не го решиме проблемот навремено, тогаш за ВЛЕН нема место во Владата. Какво место во Владата, рекол Снопче во емисијата „Клик плус“.

Снопче исто така смета дека Македонија страда од пандемија на неказнивост на лицата одговорни за корупција.

Тој рече дека претходната влада не ги казнила лицата осомничени за корупција и затоа земјава се соочува со корупциска пандемија.

„Кога ќе се спомне зборот пандемија, се поврзува дека нешто е болно, односно нешто слично како за време на Ковид. Кога имавме пандемија – граѓаните беа изолирани, додека кај нас претходната власт не презеде никакви мерки за изолирање на одговорните за корупција…“, изјави пратеникот.

ВЛЕН уште претходно ја оцени како опасна и неприфатлива иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

„Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би ги загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација“, порачаа од албанскиот коалиционен партнер во Владата.

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Слични содржини