Поранешниот соработник на Американската агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, ја поздрави одлуката на британскиот суд да не го испорача Џулијан Асанж во САД и изрази надеж дека таа одлука ќе означи крај на гонењето на основачот на Викиликс.
„Да се надеваме дека ова е крајот (на овој случај)“, напиша Сноуден на Твитер, реагирајќи на одлуката на британскиот суд.
Како едно од образложенијата, судот го наведе менталното здравје на Асанж и ризикот од самоубиство.
Соединетите држави побараа екстрадиција на Асанж, кој се соочува со вкупно 18 точки од обвинението во САД, а доколку биде осуден за шпионажа и предавство со објавување на тајни државни документи, му се закануваат неколку децении затвор.
На 11 април 2019 година, основачот на Викиликс беше протеран од еквадорската амбасада во Лондон, каде се засолни во 2012 година, а британската полиција веднаш го уапси.
Сноуден, кого исто така го бара Вашингтон, најде засолниште во Русија во 2013 година откако избега од Соединетите држави. Сноуден се соочува со обвиненија за шпионажа во Соединетите држави затоа што открил глобална програма за прислушување и надзор што НСА ја спроведе во САД и ширум светот.