Сојуз на средношколци: Прифатени три од четири наши барања за прилагодување и олеснување на државната матура

од Vladimir Zorba
153 прегледи

Делегација на Сојузот на средношколци, овластена од Генералното собрание како официјално претставничко тело на средношколците, одржа средба со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, државната секретарка при МОН, Анета Трпевска, и в.д. директорката на Државниот испитен центар, Благица Павловска. Делегацијата беше составена од Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот, Јана Попова, прва потпретседателка на Сојузот и Лука Кадриќ и Марија Јовановска, младински амбасадори.

За време на оваа средба делегацијата на Сојузот преговараше по однос на нашите четири барања за прилагодување и олеснување на државната матура. Беше прифатено најважното прво барање. Министерството на образование и наука преку Владата ќе им препорача на сите универзитети во земјава да ги променат коефициентите за упис и со тоа да го променат соодносот на поените што ги носат екстерните испити што ги носат интерните испити. Имено, од сегашните 24, односно 12, екстерните ќе носат најмногу 20 поени, а интерните најмногу 16. Проектната задача ќе продолжи да носи 4 поени.

Министерството за образование и наука го прифати и нашето второ барање, односно Владата ќе им препорача на сите домашни универзитети првиот екстерен испит (мајчин јазик) да го сметаат за соодветен за сите студиски програми. Бидејќи оценката од соодветните испити се множи со повисок коефициент, ова значи дека по автоматизам матурантите ќе добијат повеќе поени од овој испит, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик.

Поради фактот дека Календарот за оваа учебна година е веќе донесен, а дополнителна компликација создава продолжениот викенд предизвикан од православниот празник Духовден, не беше прифатено нашето трето барање првиот екстерен испит да се премести од 27 мај на 3 јуни. Ни беше понудено компромисно решение – интервенција во обемот на првиот екстерен испит во поглед на бројот на бодови на тестот.
Кај надлежните наидовме и на разбирање за четвртото барање. Значително олеснување матурантите оваа година ќе добијат бидејќи наставниците ќе ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на интерниот испит. Бројот на прашања во банките ќе биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот.

Имајќи го предвид понудениот компромис, Извршниот одбор на Сојузот свика вонредна седница на Генералното собрание која ќе се одржи онлајн вечерва. На истата ќе се одлучува дали ќе се прифати или ќе се одбие предложеното решение, соопштија од Сојузот на средношколци

Слични содржини