Сојуз на средношколци: Лажните дојави за бомби мора да бидат сериозно сфатени

од Nikola Popovski
197 прегледи

Сојузот на средношколци ја поздравi брзата реакција на надлежните и безбедносните служби кога станува збор за евакуациите на учениците после лажните дојави за бомби.

-Веруваме дека покажаната подготвеност и професионалност во ваквите ситуации влеваат одредена доза на сигурност кај учениците. Од друга страна пак, апелираме до Министерството за внатрешни работи максимално да се посветат на потрагата по чиновниците и брзо разрешување на ситуацијата, за повторно да може да имаме непречена и безбедна настава. Овие закани мора да бидат сфатени сериозно имајќи ја безбедносната состојба во земјата и светот. Го охрабруваме преземањето дополнителни мерки за зголемување на секојдневната безбедност во училиштата.

Што се однесува до самите ученици, би ги повикале на сплотен и смирен пристап кон проблемот. Секој од нас може да придонесе за достигнување на чувството на безбедност во училишните клупи. Ги советуваме учениците одговорно да ги следат насоките од училишните служби, внимателно да ги следат информациите на темата, да се информираат од кредибилни извори, критички да ги консумираат вестите и да ги проверуваат податоците кои ги добиваат повеќе пати. Медиумска писменост е клучна во задржувањето на контрола врз ситуацијата.
Сојузот стои отворен за соработка и поддршка во процесот на разрешување на ситуацијата, велат од Сојузот на средношколци.

Слични содржини