Подобри услови за лекување, современа апаратура и седум нови операциони сали во Градската општа болница „8 Септември“. Целосно ќе се санира и кровот што протекува. По 80 години болницата ќе биде реконструирана, проектот ќе чини 12 милиони евра.
Парите се обезбедени од „Тав Македонија“. Турската компанија парите требаше да ги вложи во изградба на карго аеродром во Штип, а јуни 2021 средствата беа пренаменети во изградена на инфраструктурни проекти во општините.
Здравствените власти неодамна најавија дека „8 Септември“ ќе стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес.
Владата размислува да ја стави во мирување иницијативата за изградба на нов Клинички центар, а наместо тоа Градската општа болница „8 Септември“ да стане регионален центар за лекување на пациентите од Скопје, Куманово и Велес. Ова го изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој го презентираше буџетот на ФЗО за оваа година наречен „План 2025“.
Клековски истакна дека додека е паузирана идејата за изградба на нов клинички центар, ќе се разгледуваат потребите на општеството.
„Нам демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти“, додаде тој.
Според него, дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба, а од сите нив, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има „8 Септември“.