Почнувајќи од јулската исплата на пензии ќе почне да се исплаќа разликата од 5.000 денари од посмртната помош, која привремено им беше ускратена на семејствата на починатите корисници на пензија, соопшти Одборот на регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Исплатата се врши редоследно, според поднесено барање, за што е изготвена посебна апликација.
-Согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 115 и 116) Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, на корисник на пензија со негова согласност, му запира дел од пензијата за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство.
Висината на задршката на посмртната помош и висината на исплатата на посмртната помош во единствен износ за сите корисници на пензија со акт ги утврдува Регистрираната организација на четирите сојузи на здруженија на пензионери.
Задржаните средства за посмртна помош од корисниците на пензија, Фондот ги уплатува на посебна сметка во рамките на Трезорската сметка со ознака Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисниците на пензија. Издвојувањето на средствата се врши по месечната исплата на пензиите.
Во изминатиот период заклучно до 2020 година, редовно се вршеше исплата на посмртната помош на семејствата на починатите корисници на пензија. Меѓутоа, кон крајот на 2020 година во услови на вториот бран од ковид 19 што најмногу имаше влијание на повозрасната група население, односно на пензионерите, значително се зголеми бројот на починатите корисници на пензија. Оваа состојба продолжи и во текот на 2021 година, кога во одредени месеци бројот на починатите пензионери изнесуваше и до 2 500 пензионери (што е двојно повеќе од просекот на починати корисници на пензија во изминатите години), поради што се јави недостиг на средства за исплата на посмртна помош, а се зголеми и времето на чекање за исплата.
Во такви услови, а со цел да се надмине недостигот на средствата и времето на чекање за исплата, Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина во текот на 2021 година донесе времени одлуки за зголемување на износот на задршката за посмртната помош. Но и покрај тоа, овие мерки не беа доволни за да се надмине дефицитот на средствата за исплата на посмртната помош, а пандемијата продолжи и во почетокот на 2022 година. Така во месеците јануари бројот на починати пензионери изнесуваше 1 739, во февруари 2 504 и во март 1 901 корисник.
Со цел да се обезбедат средства за редовна исплата на посмртната помош, а и да се помогне на семејствата на починатите корисници на пензија за покривање на погребалните трошоци, Одборот на Регистрираната организација на солидарен фонд и членарина, во почетокот на 2022 година донесе времена одлука со која задршката за посмртна помош изнесува 150 денари, а исплатата на посмртната помош се определи на 25.000 денари при првата исплата, со право на исплата на разлика од 5.000 денари до редовната од 30.000 денари. Разликата од 5.000 денари ќе започне да се исплатува почнувајќи од јулската исплата на пензии според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства.
Со ваквото решение на Одборот, во месеците март, април и мај се обезбедуваа средства околу 46 милиони денари месечно за исплата на посмртната помош, и се зголеми бројот на исплатената посмртнина (од 1450 барања во јануари и февруари на 1868 барања во април и мај 2022 година).
Бидејќи после март 2022 година се смири пандемијата, како и бројот на починати корисници на пензија, од само 914 во април и околу 800 во мај 2022 година, Одборот донесе Одлука со која посмртната помош се определи на 30.000 денари, како и постепено започнување на исплата на разликата од 5.000 денари на примателите на посмртна помош на кои им беа исплатени 25.000 денари, според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства, со важност од исплатата на јулската пензија.
Доколку состојбата на починати корисници на пензија се стабилизира и изнесува околу 1.350 месечно, со уплатените средства во солидарниот фонд од 309 000 пензионери по 150 денари ќе се обезбедат средства од околу 46 милиони. Со овие средства би можеле да се исплатат 1 350 барања на посмртна помош во износ од 30.000 денари по корисник или 40,5 милиони денари, и да се изврши доплата на 1 000 приматели месечно по 5.000 или 5 милиони денари.
Имајќи предвид на напред изложеното, а заради огромниот интерес во јавноста како се трошат издвоените средства за посмртна помош, зошто се доцни со исплатата на посмртната помош и зошто таа беше намалена од 30.000 на 25.000 денари, со ова известување се информира јавноста, и тоа:
– задржаните средства за посмртна помош се уплатуваат на посебна сметка во рамките на Трезорската сметка;
– средствата за солидарен фонд – посмртна помош се трошат исклучително за исплата на посмртната помош на семејствата на починатите корисници на пензија според редоследот на поднесените барања и расположливите средства, и истите не можат да се користат за други намени или да се злоупотребат;
– за состојбите со акумулираните и исплатените средства за солидарен фонд – посмртна помош редовно се подготвуваат информации кои се предмет на разгледување на Управниот одбор на Фондот и Одборот на Регистрираната организација за солидарниот фонд и членарина;
– состојбите со уплатата на задршката за солидарен фонд – посмртна помош и исплатата на посмртната помош подлежат на редовни контроли од страна на Фондот и Одборот на Регистрираната организација за солидарни средства и членарина, како и од Државната ревизија, при вршење на ревизија на вкупното работење на Фондот;
– со примена на новата одлука со која издвојувањето за посмртна помош изнесува 150 денари а исплатата на посмртната помош 30.000 денари, aко смртноста на корисниците на пензија изнесува 1.250 (исто како и во периодот пред пандемијата), ќе можат да се покријат покрај редовните обврски и акумулираните обврски по овие барања, со што состојбата со солидарниот фонд постепено би се стабилизирала.
Овој материјал има цел реално и точно да се информира јавноста за состојбите во исплатата на посмртната помош, која исплата се врши со доследна примена на позитивните законски прописи.
Со ова известување до јавноста се оценува дека ќе нема сомнежи за исплатата на посмртната помош, односно јавноста ќе има сознание за исплатата на посмртната помош, односно како се трошат уплатените средства за посмртна помош, информираат од Одборот на регистрирана организација.