Синдикатот на Македонска пошта информира дека штрајкот што требаше да почне денеска нема да се одржи поради тоа што се прават обиди за наоѓање решение за проблемите преку преговори со помирувач определен од Министерството за труд и социјална политика. Првата средба веќе се одржала вчера и на неа биле разгледани барањата и определена динамиката на преговори во наредниот период.
Од Синдикатот појаснуваат дека медијаторот ги информирал дека нема добиено одговор од Владата и ресорното Министерство за транспорт и врски за одржување заедничка средба, со констатација дека преговорите во ваква ситуација не може да отпочнат поради фактот што нема во моментов министер кој раководи со Министерството, а заменикот-министер не одговорил на дописите испратени од страна на помирувачот.
Синдикалните организации на „Македонска пошта“ пред повеќе од десетина дена информираа дека сите вработени повторно излегоа на протест, изразувајќи го својот револт и загриженост за иднината на „Македонска пошта“ и зачувување на нивните работни места. Велат дека со години претпријатието се соочува со огромна финансиска криза и доведени се до тотален хаос.
-Се уште немаме земено плата и не знаеме кога ќе земеме плата во нареден период. Менаџерскиот тим немаат одговор на прашањето кога ќе земеме пари. Вработените се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Македонска пошта која беше симбол на државата, ја доведовме до дното поради лошата кадровска и партиска политика, истакна тогаш на прес – конференција, Боро Велигденов – претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта.
Тој бара приоритетна задача на новата влада да биде функционирањето на „Пошта“ и да имаат итна средба со членовите на владата.
-2000 семејства ќе останеме на улица и Македонија ќе биде единствен пример во светот каде државна пошта нема да постои, додаде Велигденов.