Откако Шпанија ја започна кампањата за вакцинација пред околу 10 дена, дадени се само 83.000 дози на вакцината.
„Со ова темпо, ќе ни бидат потребни пет години за да се вакцинираме против ковид-19“, рече медицинскиот техничар Антонио Форсада.
Шпанија е една од најпогодените земји во Европа со над 50.000 смртни случаи и речиси два милиони заразени.
Вакцинацијата варира во голема мера меѓу регионите – Мадрид во саботата објави дека користел само шест проценти од дозите на вакцина кои ги добил, додека северниот регион Астури во понеделникот изјави дека користел 81 процент од добиените вакцини.
Со оглед на извештаите дека кампањата е бавна поради кадровски проблеми, шпанската министерка за одбрана рече дека армијата е подготвена да помогне доколку има потреба.
„Тие се целосно достапни за сè што здравствените власти бараат од нас“, изјави Маргарита Роблес пред новинарите.