Како што старееме, сè потешко толерираме алкохол

од Stefanija Kuzmanovska

Советот кој често го слушаме е да пиеме умерено, но истиот не секогаш го следиме. Кога пиеме премногу алкохол, ризикуваме следниот ден да се бориме со мамурлак, кој може да се влоши со текот на годините.

„Во вашите 20-ти, телото е отпорно, особено црниот дроб и мозокот“, изјави за HuffPost д-р Елизабет Ландсверк, геријатар и експерт за деменција.

Ако пиете умерено, алкохолот нема да ви претставува проблем ниту во триесеттите.

„Важно е да се запамети дека алкохолот придонесува за епидемијата на дебелина, што го зголемува ризикот од неалкохолни масни заболувања на црниот дроб. Алкохолот го зголемува ризикот од заболување на црниот дроб, што може да резултира со цироза. Како геријатар, би рекла дека една или две чаши алкохол неделно е во ред“, додаде д-р Ландсверк.

Во 40-тите години почнуваат да се појавуваат се повеќе здравствени ризици.

„Дебелината, дијабетесот, хипертензијата и високиот холестерол го зголемуваат ризикот од срцев удар, мозочен удар и мини-мозочен удар“, предупреди докторката. „Ако живеете со некоја од овие состојби, дури и мала количина алкохол може дополнително да го зголеми ризикот од срцев или мозочен удар“.

Во раните 50-ти, телото почнува да го губи ензимот за метаболизирање на алкохолот. Затоа многу луѓе се жалат дека на оваа возраст станува се потешко и потешко да се толерира алкохолот.

„Од искуство ќе ви кажам дека 60-тите се кога толеранцијата на алкохол може драстично да се намали. Јас сум здрава, можам да скијам и да пливам, но по една чаша вино следниот ден имам главоболка“, објасни д-р Ландсверк.

Ако сакате да останете здрави како што стареете, не мора целосно да се откажете од алкохолот, но имајте на ум дека умереноста е навистина клучна.

Слични содржини