Со пари од Буџетот ќе се финансира споменик за настраданите во пожарот во Кочани

од Nikola Popovski
32 прегледи

Средства во износ од 2.000.000 денари за изработка на идејно решение и почнување активности за изградба на спомен обележје за починатите во пожарот во Кочани треба да се одбезбедат со Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година, што денеска доби поддршка од матичната собраниска комисија. Со предложената прераспределба на буџетски средства ќе се обезбедат и  600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, како и 242,3 милиони денари за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.

Предлог-одлуката без расправа доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии членови на предлог на пратеникот  од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков поддржаа и амандман со неа да се опфатат и средства за спомен обележјето.

Лефков во образложение на амандманот рече дека одлуката е во координација со семејствата на настраданите во пожарот од 16 март годинава во кој загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени,  а произлегува, како што рече, од нивната и нашата заедничка желба барем дел од болката да преточиме во достоинствено сеќавање, а трагедијата никогаш да не се повтори.

– Сакаме да оддаме почит, но и да оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност на идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното градско подрачје, таму каде што ќе биде видлив како жив спомен, но и како предупредување. Ова не е момент  за политика, ве замолувам сите за поддршка, ова е момент за заедништво, почит и сеќавање, рече Лефков.

Слични содржини