Со презентирање на докази од видеокамери продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче

од Nikola Popovski
129 прегледи

Во скопскиот Кривичен суд закажано ново рочиште за убиствата на Вања и на Панче. Обвинителството треба да ја соопшти одлуката дали ќе бидат изземени обвинителите во овој случај. Ова на претходното рочиште го побара првообвинетиот Љупчо Палевски, бидејќи според него тие прикривале клучни докази.

Обвинителството ќе истражува како во рацете на Палевски завршиле списите од изјавите на обвинетите. Судењето треба да продолжи со презентирање на докази од видеокамери.

Марјан Витановски, адвокатот на Љупчо Палевски во изјава за медиумите рече дека бараат информација дали еден од осомничените за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Боре Видевски поседува пиштол, како и за типот на оружјето. По денешното судско рочиште, истакна дека се уште се изведуваат доказите на Јавното обвинителство. Според него, Палевски смета дека е најпогоден момент кога треба да се бара изземање на обвинителката Жаклина Крстевска, но и на целото скопско обвинителство, од причина што, како што вели, јавниот обвинител не проверил дали Видевски има пиштол.

По барањето на првообвинетиот за изземање на обвинителката и целото Обвинителство за незаконска истрага и упатувањето серија обвинувања, Крстевска денеска во изјава за медиумите порача дека обвинетиот го искористил моментот и ги изнел сите свои наводи. Според неа, Обвинителството има преземено доволно дејствија и вели дека сите негови наводи се неосновани.

-Доказите се приложени и очигледно е дека со презентирањето на видео-записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена со дејствијата на Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани. Обвинителството ги има обезбедено сите докази и сите дејствија од наша страна се преземени, кажа Крстевска.

Според неа, ниту еден бранител на останатите обвинети за убиствата не разговарал со Обвинителството, надвор од службените дејствија, во смисла на испитување на обвинетите.

-Многу чудно е како тоа обвинетиот Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Видевски, Кешишев, Манев и Ѓорчевски во Обвинителството. Тие не се доставени на увид и многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, рече обвинителката.

На некои од следните рочишта се очекува и сведочењето Гоце Трајковски кој подолг период не беше достапен за полицијата, која го гони за друго кривично дело, подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода, но минатата недела и се предаде на полицијата.

Трајковски кој заедно со таткото на Вања кој е меѓу обвинетите, Александар Ѓорчевски, водел паралелна потрага по исчезнатото девојче треба да сведочи и да каже како доаѓал до снимките од безбедносните камери во случајот со киднапирањето и убиството на Вања и како грабнувањето го поврзал со исчезнувањето на Панче Жежовски кој беше ладнокрвно убиен неколку дена претходно.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Слични содржини