НАТО е група од 30 суверени, независни земји кои споделуваат заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на нивните соседи и обезбедување посигурна, стабилна иднина за цела Европа. Посветеноста на Северна Македонија на овие принципи е несомнено силна. А, со Северна Македонија, сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот центар М6 и Секторот на НАТО за јавна дипломатија од Брисел.
Како депозитар на НАТО, САД беа првите што ѝ посакаа добредојде на Северна Македонија во Алијансата пред две години.
„Како рамноправен партнер, горди сме што стоиме обединети со Северна Македонија и секој НАТО сојузник во нашата желба ’да живееме во мир со сите народи и сите влади“, порача Брнз, во своето видеообраќање.
Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа.
„Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници, цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години“, изјави Брнз.