Со торта во форма на срце, пензионерите во Прилеп го прославија покачувањето на пензиите

од Илинка Илиоска
123 прегледи

Пензионерите од Прилеп и неколку други градови од Македонија, покачувањето на пензиите го прославија во просториите на Здружението на пензионери во Прилеп. Тие за свечено да го одбележат еднократното зголемување од 2.500 денари се заблажија и со торта воп форма на срце на која имаше натпис „2.500 денари“.

Над 330 илјади пензионери од вчера ги добија пензиите повисоките пензии. Согласно предизборните ветувања на владата на Христијан Мицкоски, сите пензионери кои заминале во пензија до крајот на август добија линеарно покачување.

Во март е најавено ново линеарно зголемување на пензиите за дополнителни 2500 денари.

Ова дополнително ја зголеми веќе постојната пензиска дупка, која со ребалансот за оваа година се зголеми за нови 80 милиони евра, достигнувајќи вкупно над 600 милиони евра.

Имајќи предвид дека во државата постојат пензионери кои живеат со пензии кои не можат да ги покријат основните потреби, новата Влада прво најави линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. Сепак, потоа одлучи да го спроведе ова зголемување во две фази од по 2.500 денари.

Оваа одлука на Владата предизвика и бројни реакции во јавноста, па многумина коментираа дека зголемувањето на пензиите и не е баш така како што прикажуваат од Влада, туку станува збор за зголемување од само 500-600 денари затоа што според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, усогласувањето на пензиите се реализира двапати годишно, на први март и на први септември.

„Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50%“, се наведува во Законот.

Регулативата дополнително објаснува дека за мартовското усогласување се користат податоците од второто полугодие на претходната година, а за септемвриското, податоците од првото полугодие во тековната година.

И.И.

Слични содржини