Со уривање на хотел на охридското крајбрежје продолжи акцијата за рушење дивоградби

од Берта Китинска
297 прегледи

Утрово со градежна механизација се уриваше хотел што се наоѓа на брегот на Охридското Езеро.

Хотелот се наоѓа на стариот пат Охрид-Струга изграден на приватно земјиште, но без дозвола од општината.Уривањето на бесправно изградените објекти се одвива согласно Планот за управување со Охридскиот Регион, како барање на Реактивната мисија на УНЕСКО, со цел зачувување на статусот на светско природно и културно наследство.

Претходниот период се отстрануваа повеќе објекти и конструкции покрај охридското крајбрежје.

Нема никакви калкулации кај државата кога се работи за уривање на дивоградбите на Охридското Езеро. Независно која и да е општината, мора да се постапува согласно донесените решенија и заклучоци. Ние инсистираме општините, но и Државниот инспекторат да постапува по донесените решенија. Ова го изјави денеска во Охрид министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој повтори дека нема разлика на дивоградби во Охрид или во Струга. Законите, како што истакна, важат еднакво, ако постапува еден, мора да постапува и другиот градоначалник.

– Градоначалниците, општинските градежни инспекторати треба да постапуваат согласно законите. Доколку тие механизми затаат за соодветни предмети, Државниот градежен инспекторат може да постапува со поединечни акти, заради непостапување. Токму од тие причини беше направена децентрализацијата во 2005 година, за да можат општините да менаџираат. Дали ќе постапи некој или не, постојат инспекторати кои по соодветни предмети можат да интервенираат – рече Сугарески.

Слични содржини