Започна неформалниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба, што се одржува во рамки на претсдавањето на Северна Македонија со иницијативата.
Состанокот го отвори министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со А5, додека поздравно обраќање имаше и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Во обраќањето, Османи ги претстави приоритетите на нашето претседавање со Повелбата, што се одржува на 20 годишнината од нејзиното формирање. Воедно, ја реафирмираше силната поддршка за Украина и украинскиот народ, како и острата осуда за руската агресија.
“Денешниот министерски состанок е уште една прилика да ја истакнеме досегашната поддршка на земјите членки на Повелбата за Украина, но и да ја нагласиме нашата подготвеност за натамошна, практична и хуманитарна помош на украинскиот народ. Од почетокот на војната до денес, сите земји членки на А5 од регионот имаат донирано околу 17 милиони долари хуманитарна помош, додека поголемиот дел од земјите членки од регионот имаат обезбедено околу 214 милиони долари воена помош. Заедно со САД пак овие суми надминуваат 1.62 милијарди долари во хуманитарна помош, односно 32.7 милијарди воена помош.” – нагласи Османи
Министерот Кулеба ги поздрави активностите и приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската повелба, што се одржува во време на услови на руската брутална војна во Украина, истакнувајќи дека А5 е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
“Од клучно значење е Јадранската повелба да се прилагоди на новата реалност во светлината на тековните безбедносни предизвици. Ги поздравувам вашите планови за зајакнување на политичката улога на Повелбата и изнаоѓање нови безбедносни механизми за регионот. Јадранската повелба ја олесни балканската евроатланска интеграција. Украина е на пат кон НАТО, па знаеме колку беше тоа важно” истакна Кулеба.
Воедно, упати благодарност за помошта што Северна Македонија и другите земји од регионот ја обезбедуваат за Украина, што има пресудно значење на бојното поле за украинските бранители, кои, по цена на нивните животи, ги бранат како Украина, така и демократските вредности.