Со западно оружје ќе може да се напаѓа руската територија: Дали е можна промена на текот на војната во Украина?

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

Донесена е одлука – претседателот на САД, Џо Бајден се премислил и му дозволил на Киев да го употребува оружјето од САД за напади во Русија, но само во околината на Харков. На одлуката се надоврзаа и од официјален Берлин, каде го сторија истото – германско оружје може да се користи за напади на руска територија. Според аналитичари, нападите на опремените сили на Кремљ што ја продолжуваат офанзивата во источна и североисточна Украина и го донесе на Украина најголемиот воен тест од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година. Одлуката ѝ дозволува на Украина да ги користи ракетните системи ХИМАРС, обезбедени од САД, за да ги нападне руските сили и командните и контролните центри.

Дали е можна промена на текот на војната?

Дел од домашните експерти сметаат дека не е неочекувана оваа одлука затоа што долго време се зборуваше прво во Европа, а потоа и во американскиот Конгрес за дозвола за употреба на американско оружје за напад на руска територија. Според новинарот и познавач на воените состојби, Мирче Адамчевски, оружјето е ограничено само за териториите блиски до Харков, но не и за внатрешноста на Русија.

Мирче Адамчевски

-Се покажува дека ситуацијата ескалира и дека ова нема да биде последен чекор, туку соодветен одговор од руска страна. Според моја оценка, ќе дојде до понатамошна ескалација на војната, порачува Адамчевски во разговор за „Локално“.

За тоа зошто се премисли Бајден, соговорникот вели дека во САД има предизборие и независно од тоа што се случува со Трамп, видовме дека и екс-претседателот на САД го менува односот во однос на војната.

-Претпоставуваме дека опкружувањето на Бајден му сугерираше за ваквата тајна одлука, со оглед дека во Русија дека се уште не беше запозната со такво нешто. Главна улога одиграа лобистите на воениот-индустрискиот американски комплекс, односно преку Конгресот имаше слушања и се разговараше за офанзивата на Харков. Мислам дека и Стејт департментот е вовлечен оти Блинкен пред десетина беше во Киев и истото го кажа, тврди Адамчевски.

Сепак, тој не може да препостави кој би бил конкретниот одговор од Русија.

-Земјата пред извесно време имаше маневри со тактичко нуклеарно оружје, за да му покаже на Западот дека со евентуална ескалација и поголемо влучување на Западот во војната, дека може да се одговори на тој начин, иако до тоа нема да дојде. Русите можеби ќе направат мобилизација во оваа ситуација, можеби ќе се обидат да се пробијат и на другите фронтови затоа што сега војната се води низ целиот фронт, не е само Харков. Веројатно градот беше прв чекор кон кој ќе се привлечат украинскиот војски, со цел да се ослабат позициите на истокот и југот од земјата. Не можам да кажам како понатаму ќе се развива ситуацијата, анализира Адамчевски.

Реакции од Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека во некои западни земји има апсолутно заострување на воените чувства и дека продолжува ескалацијата на тензиите.

„Се согласуваме дека има апсолутна ескалација, засилување на воените чувства, тие намерно поттикнуваат таква предвоена хистерија. Па, сето тоа, се разбира, не може да не влијае на општата ситуација. Ескалацијата на тензиите продолжува“, рекол Песков на новинарско прашање дали Кремљ се согласува со изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека колку повеќе оружје со долг дострел Западот испорачува на Украина, толку повеќе руската армија ќе напредува, пренесува „РИА Новости“.

Орбан претходно изјави дека Западот мора да разбере дека колку повеќе оружје со долг дострел ќе испрати во Киев, толку повеќе руската војска ќе напредува. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто претходно истакна дека НАТО сака да ја зголеми својата координативна улога во снабдувањето на Украина со оружје и обуката на нејзините војници.

„Оваа одлука е поддржана од 31 земја, а Унгарија не сака и нема да учествува во неа“, нагласи Сијарто.

Со реакција се огласил и поранешниот руски претседател, а сега заменик-претседател на Советот за безбедност на земјата Димитриј Медведев. Тој издал серија предупредувања до Западот.

„Ова не е воена помош, ова е учество во војната против нас“, нагласил тој. Медведев истакнал дека би било „фатална грешка“ за Западот да мисли дека Русија не е подготвена да користи тактичко нуклеарно оружје против Украина, а зборувал и за потенцијалот за употреба на стратешко нуклеарно оружје за да се погодат неименувани непријателски земји.

„За жал, ова не е ниту заплашување, ниту блефирање“, рекол Медведев, додавајќи:

„Сегашниот воен конфликт со Западот се развива според најлошото можно сценарио. Постои постојана ескалација кога станува збор за огнената моќ на оружјето на НАТО што се користи. Затоа, никој денес не може да ја исклучи транзицијата на конфликтот во завршна фаза“.

Регионот на Харков стана точка на удар кон средината на овој месец, кога московските сили започнаа ненадеен втор упад од север, долж постоечкиот источен фронт.

Н.П.

Слични содржини