Соблекувалната на ПСЖ е како темпирана бомба: Забави, кланови, менаџерски подметнувања …

од Vladimir Zorba
233 прегледи

ПСЖ има успешна сезона досега. Во францускиот шампионат сигурно се први со 13 бода предност пред второпласираниот Марсеј, а во Лигата на шампионите стигнаа до осминафиналето во кое ќе играат против Реал. Но, ситуацијата во редовите на ПСЖ не е идеална, тврди француски „L’Equipe“, кој напиша голем текст за разни скандали и тензии кои се случуваат во соблекувалната на тимот од Париз.

Навас и Донарума

Еден од проблемите е позицијата на голманот. Маурицио Почетино има голема доверба во Кејлор и ништо не се смени кога Џанлуиџи Донарума потпиша за ПСЖ.

„L’Equipe“ тврди дека и двајцата голмани се договориле да се борат за место на голот, а Почетино решил да ги ротира на секои два-три натпревари. Но, тогаш во целата приказна се вклучил Мино Рајола, менаџерот на Донарума.

– Не знам дали оваа ситуација стана некаков проблем, но сите знаеме како ќе заврши оваа приказна – се ќе оди на страната на Џанлуиџи, изјави еднаш Рајола, а оттогаш тензиите меѓу голманите се зголемија.

Во соблекувалната има два клана – едниот собран околу француските фудбалери, а другиот околу јужноамериканските, на кои им се придружија Џулијан Дракслер и Џорџињо Вајналдум. Наводно има тензии меѓу двата клана, но тие во моментов не надминуваат никакво спортско ривалство. Сепак, „францускиот“ клан му замерува на „јужноамериканскиот“ што протекол информации од нивните редови дека Килијан Мбапе нема да го продолжи договорот со ПСЖ, туку од следното лето ќе игра за Реал Мадрид.

Сепак, податокот дека Мбапе се уште не одлучил да остане во редовите на парискиот тим навестува негово заминување со оглед на тоа што договорот му истекува следното лето, па не е потребен „клан“ за да се заклучи тоа.

Нејмар и Меси

Проблем има и со Нејмар. Бразилецот наводно не бил премногу задоволен од доаѓањето на Лионел Меси бидејќи неговата улога во тимот автоматски се менува, а неговото однесување често покажува дека не е подготвен да биде вистински лидер во соблекувалната. Напротив, со некои свои постапки го налути раководството, но и соиграчите.

На пример, на почетокот на сезоната не дошол на задолжителниот собир со спонзори, а неговото објаснување било дека не знаел дека морал да направи тест за Ковид-19 утрото пред тој собир и затоа не можел да присуствува на церемонијата. Останатите играчи го знаеја тоа.

Прашањето за забавите веќе се покрена во различни медиуми оваа година, а „L’Equipe“ сега носи две стории за нив. Едната е поврзана со двајца неименувани јужноамерикански фудбалери кои дојдоа на еден утрински тренинг видно уморни по целовечерната „забава“ и одбија да тренираат додека медицинскиот персонал не потврди дека се подготвени за тренинг.

Вториот случај е поврзан со забава откако Меси ја освои седмата „Златна топка“. Меси и неговиот сонародник Леандро Паредес го пропуштија утрешниот тренинг и се оправдаа со проблеми со стомакот, а дел од соиграчите побараа клубот да ги санкционира бидејќи сите биле на забавата на Меси и знаеле дека стомачните проблеми не се причина зошто Аргентинците не доаѓаат на тренинг.

Дел од соиграчите не беа среќни и кога на Мауро Икарди му дадоа неколку слободни денови да замине во Италија и да се обиде да се смири со сопругата Ванда.

Сè на сè, соблекувалната на ПСЖ изгледа како темпирана бомба. Прашање е само дали ќе „експлодира“, пренесува SN.

Слични содржини