Соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, која беше уапсена од воената хунта по пучот во февруари 2021 година, е префрлена во домашен притвор, јавува денеска Би-Би-Си.
Како што е наведено, повикувајќи се на неименувани извори од затворот, Су Чи во понеделникот била однесена во владината зграда во Најпидав, главниот град на Мјанмар. Засега нема јавна потврда за ослободувањето на Су Чи од затвор, но нејзиното ставање во домашен притвор може да биде позитивен знак за воената хунта, која се соочи со бројни повици за ослободување на демократски избраната лидерка на земјата.
Имаше и гласини дека Су Чи е болна, но војската демантираше.
Неименуван извор од затворот Нејпјдав изјави за локалниот Би-Би-Си претходно оваа недела дека Су Чи е во добра здравствена состојба. Тајландскиот министер за надворешни работи Дон Прамудвинаи претходно овој месец откри дека ја посетил Су Чи, без да даде други детали.
Медиумите претходно оваа недела објавија дека воената хунта во Мјанмар планира да ја стави Су Чи во домашен притвор. Службеник за безбедност неодамна изјави за АП дека потегот на воените власти бил планиран како дел од помилувањето на затворениците за време на големата верска, будистичка церемонија што ќе се одржи следната недела.
Су Чи (78), која беше уапсена на први февруари 2021 година кога војската ја презеде власта од избраната влада со државен удар, беше осудена на вкупно 33 години затвор по низа обвиненија.